Да се биде DFS не зависи само од едно нешто.
Потребата за пристапни простори тргнува од стојалиштата на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост која напоменува дека државата е должна да обезбеди висок стандард на заштита за лицата со попреченост и да преземе мерки да обезбеди пристап на ваквите лица до сите услуги. Со ова, се напоменува дека стандардот на услугата која ја добиваат лицата со попреченост е од ист квалитет и стандард со онаа обезбедена за другите лица.
Преземањето на ваков чекор за подобрување и изедначување на услугата на објектите за лицата со попреченост има за цел да ја промовира инклузијата, рамноправноста и вклучувањето на сограѓаните во општеството.
Дискриминацијата врз основа на попреченоста може да постави пречки во пристапот до различни објакти и услуги. Од таа причина, просторите што се прилагодени за лицата со попреченост се наречени и disability friendly spaces (DFS). Ваквите објекти не само што се физички пристапни за лицата со попреченост, туку се и инклузивни по природа и ги задоволуваат потребите на сите посетители и корисници независно од нивните физички или когнитивни способности.
DFS се заснова и на принципите на универзалниот дизајн, кој напоменува дека објектите треба да бидат уредени на начин кој одговара на широк спектар на луѓе и карактеристики.
Ваквите објекти можат да бидат од секаков карактер, од ресторани до јавни и културни установи. На крај, најважно е сите објекти да бидат отворени за сите. На овој начин ќе ја поттикнеме свеста и прифаќањето на различноста во општеството. А потоа, ќе научеме и да ја славиме.
Како се станува disability friendly space?
Чекорите и водичот за креирање DFS може да го најдете на нашата веб страна, но овде ќе ја добиете и кратката верзија. Ако ве интересира нешто што не е споменето во овој блог, обратете се на нашиот контакт центар за да ви помогнеме да направите вистински disability friendly space.
Разберете ги потребите за пристапност
Проучувањето и разбирањето на потребата за пристапност за лицата со попреченост е од суштинско значење за создавање простор кој е прилагоден за сите. За овој чекор не ви треба повеќе од компјутер и интернет. Запознајте се со потребите на лицата со попреченост и заинтересирајте се да ги слушнете нивните искуства и предлози. На овој начин полесно ќе ги идентификувате пречките во вашиот објект, а ќе дознате и на што најпрво да обрнете внимание. Овој аспект е опфатен и во модулите на нашата апликација.
Дознајте ги стандардите за пристапност во светот
На глобално ниво, инклузијата и DFS се веќе секојдневност. Гледајќи од поразвиените држави и општества, може да дознаете како да ги имплементирате глобалните стандарди за пристапност за лицата со попреченост. Ова наведува до разбирање на универзалниот дизајн и имплементација на технолошки и физички решенија кои овозможуваат еднакви услуги за сите. Но, имајте на ум дека стандардите можат да варираат во различни делови на светот.
Следете ги модулите на DFS апликацијата
DFS апликацијата ја направивме да биде најдобриот начин на учење и обука за креирање простори прилагодени за лицата со попреченост. Преку нашата апликација, ќе ги поминете задолжителните модули и ќе се запознаете со комплицираниот проблем со пристапност со кој се соочуваат лицата со попреченост во регионот. После тоа, ќе ги стекнете потребните знаења и ќе дознаете како практично да ги примените. За крај, ќе се здобиете со амблем за DFS со кој ќе може да го идентификувате вашиот објект како отворен за сите.
За крај, најважно е да инвестирате малку време и ресурси за да го прилагодите вашиот објект да биде пристапен и отворен за сите. Со ова, ќе помогнете да направиме инклузивна заедница и ќе обезбедиме еднаков третман за сите граѓани.